На 9 мај, во средното земјоделско училиште „Гоце Делчев“ во Валандово, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени организираше Квиз за климатски промени. Надоврзувајќи се на успехот од минатогодишниот караван за климатски промени, новата кампања беше осмислена како квиз каде целната група се средношколците од земјоделските училишта. Настанот се одржа како посебна дисциплина, во рамките на дводневниот државен натпревар на средните земјоделски училишта во Македонија. Во квизот учествуваа по двајца ученици од сите 10 училишта, меѓу кои и учениците од СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица, кои се изборија за првата награда.
Преку оваа активност, проектот на УСАИД има за цел да ја зголеми свеста кај младите луѓе за влијанието на климатските промени врз земјоделството и потребата од имплементација на адаптивни мерки во лозарството, градинарството и овоштарството.