Оваа сабота, на 16 септември во Гевгелија, се одржа вториот по ред саем за промовирање на локалниот развој – ЛАГ Експо 2023, кој е единствен од ваков тип во државата. Низ презентации и панел дискусии претставници на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) од нашата како и земји од Западен Балкан и земји-членки на Европската Унија ги претставија своите иницијативи и дискутираа на теми кои ги засегаат руралните заедници. Покрај тоа, на саемската изложба со свои штандови, производи и активности се претставија и повеќе од 40 членови на неколку ЛАГ-ови кои доаѓаат од приватниот и граѓанскиот сектор.

 

 

На саемот се обратија советникот за рурален развој од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Трајан Димковски и претставникот од општина Гевгелија, г. Трајче Арџанлиев кои ја истакнаа важноста на партнерствата помеѓу различните сектори и потребата од поддршка и активност на ЛАГ-овите. Претседателот на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Балканската мрежа за рурален развој, г. Петар Ѓоргиевски додаде дека е потребно да се слушне гласот на руралната заедница и да се вложува во развој на заеднички иницијативи за подобрување на локалната инфраструктура, економија, образование и целокупниот квалитет на живот на граѓаните од земјата и регионот.

 

 

Целта на ЛАГ Експо 2023 беше споделување искуства на домашните и регионалните Локални акциски групи, согласно LEADER пристапот како дел од политиките за локален, рурален развој. Исто така, локалните производители имаа можност да се поврзат со претставници од повеќе индустрии и дејности што ќе придонесе за воведување на нови бизнис практики и нови соработки. Се очекува овој саем да прерасне во традиционална годишна активност во источниот дел на државата која ќе го стави на мапата на успешни приказни од регионот и ќе биде носител на развојот на технологијата, иновациите, етичките бизнис практики и развојот на човечки ресурси.

Понатаму, домашни и меѓународни гости и експерти претставија иновативни иницијативи спроведени од жителите за подобрување на нивните заедници. Посетителите на саемот имаа и можност да вкусат традиционална локална храна и пијалоци, да уживаат во изложените рачни изработки и останати производи од руралните средини направени од локални производители.

 

 

Преку вакви активности, УСАИД ги поддржува и поттикнува локалните актери од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор да осмислуваат, финансираат и имплементираат иницијативи што ги бараат граѓаните како решенија на локалните предизвици со кои се соочуваат.

ЛАГ Експо 2023 се реализира со поддршка на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија во соработка со ЛАГ Бојмија, кој беше домаќин на саемот, како и ЛАГ-овите Абер 2015, Беласица-Огражден, Малеш-Пијанец и Плачковица.

 

 
Оваа активност е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
 
Оваа вест е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на Мрежа за рурален развој на Северна Македонија и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.