На 4 ноември, во Штип, Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ) го организираше настанот „ЛАГ – од локална иницијатива до водечки концепт за развој на руралните заедници“ со цел да претстави 4 иницијативи за формирање на Локални акциски групи (ЛАГ-ови) создадени во согласност со ЕУ ЛЕАДЕР пристапот. Со поддршка на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, МРР на РМ спроведе сеопфатна тренинг програма за градење на капацитетите во согласност со карактеристиките на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот, опфаќајќи ги чинителите на јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот, од 17 општини во источниот и југоисточниот регион на Македонија. Како резултат на овој процес, четирите ЛАГ-ови, подготвија 4 Стратегии за локален развој, инкорпорирајќи активности за подобрување на вклученоста на сите чинители во процесот на донесување одлуки за прашања од важност за нивните рурални заедници.
Во неговото обраќање, Директорот на мисијата на УСАИД, г-дин Џејмс Стајн, нагласи дека „Методите што ги користиме за да ги заштитиме нашите заедници мора да се фокусираат на соработка, интеграција, иновација и партнерства. Мора да употребуваме пристап „од долу – нагоре“ каде локалните актери ја креираат стратегијата и избираат акции, бидејќи тие се оние кои се најблиску до проблемот и оттука до решението. ЛАГ-овите се фундаментални за успех во локалниот рурален развој. Токму овој пристап „од долу – нагоре“ ги обединува локалните актери во заедничко идентификување на приоритети и проекти со кои ќе ги постигнат резултатите посакувани во нивните региони. ЛАГ-овите го водат локалниот развој и се во првите редови за спроведување на програмата за локален развој. Горд сум што проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени вклучува сеопфатни и иновативни пристапи како ЛЕАДЕР и воспоставување на ЛАГ-ови за да адресира значајно прашање како што се климатските промени.“
По обраќањата на Претседателот на Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ), г-дин Петар Ѓоргиевски, Директорот на Центарот за развој на Источниот плански регион, г-ѓа Драгица Здравева и претставникот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, г-дин Ристо Чивчиев, следеа презентации на четирите иницијативи за формирање ЛАГ-ови.
„Кога зборуваме за Локалните акциски групи и нивните стратегии за локален развој, секогаш ги ставаме во контекст на ЛЕАДЕР пристапот како темел за негово понатамошно спроведување. И она што е најважно и треба да се спомне е дека од почетокот на 2015 година ЛЕАДЕР е дел од новите мерки на ИПАРД 2 програмата, така што очекувањата на МРР се уште поголеми откако Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство го отпочна процесот за подготовка на оваа мерка и е подготвена заедно со своето членство да придонесе со своето искуство во спроведувањето на истата. МРР партнерски соработува со Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и други владини тела на национално и локално ниво како и со други релевантни субјекти од НВО и бизнис секторот, за понатамошно зголемување на апсорпциониот капацитет на руралните заедници за нови знаења и искуства во однос на ЛЕАДЕР пристапот“ – забележа г-дин Петар Ѓоргиевски во својот говор.
Во 2014 год, во рамките на Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени , МРР оствари партнерство со општините Струмица, Василево, Босилово и Ново село, во југоисточниот регион, за адресирање на мерките за адаптација кон климатските промени, преку регионална стратегија на Локална акциска група. Локалните актери беа вклучени во формирање на Локална акциска група (ЛАГ) како централен механизам и структура за управување на руралниот развој во целните области и во создавањето на Стратегијата за локален развој како централен документ со кој се дефинираат приоритетите и мерките за рурален развој, преку серија на обуки, насоки и тренинг методи. МРР работеше со конституентите на ЛАГ-от (руралните заедници, бизнис и невладиниот сектор) од овие четири општини во симулација на методологијата на LEADER пристапот и беа спроведени три мали проекти за рурален развој со акцент на активностите поврзани со адаптација кон климатските промени во земјоделството. Методологијата на LEADER, пилотирана преку спроведувањето на овие мали проекти за рурален развој, се покажа како многу ефикасна алатка во поттикнувањето на одговорност кај руралните чинители во однос на прашањата поврзани со климатските промени.
Позитивното искуство стекнато во работата со овие општини, послужи како основа за проширување на активностите во другите општини на Источниот и Југоисточниот плански регион. Оттука, МРР спроведе процес за градење на капацитетите во 17 општини од Источниот и Југоисточниот плански регион, што резултираше со иницирање на 4 Локални акциски групи: ЛАГ Бојмија (територијата на Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран); ЛАГ Плачковица (територијата на Штип, Карбинци, Конче и Радовиш); ЛАГ Брегалница (територијата на Пробиштип, Македонска Каменица, Виница, Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево) и ЛАГ Малеш-Пијанец ( територијата на Берово, Пехчево и Делчево).
МРР на РМ има водечка улога во афирмација на ЕУ ЛЕАДЕР во Македонија, како иновативен пристап во рамките на политиката за рурален развој на ЕУ кој има за цел да стимулира еднаквост и заедништво на сите чинители во процесите за градење на политики, донесување одлуки и спроведување на активности поврзани со руралниот развој. Па така, МРР, како локална организација, ќе продолжи и по завршувањето на проектот, да ги поддржува иницијативите за формирање на ЛАГ-ови и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во процесот на отпочнување на ЕУ ЛЕАДЕР како идна ИПАРД мерка во Македонија.