Денес, со свечена церемонија во Скопје, УСАИД започна нов проект за Адаптација на земјоделството кон климатските промени. Проектот ќе промовира земјоделски практики за адаптација кон климатските промени и ќе ја зголеми свеста за идните предизвици кои тие ги наметнуваат, како и потребата за заедничко делување на ниво на заедниците. Проектот ќе го спроведува Мрежата за рурален развој (МРР).
„Вистинскиот напредок за зачувување на нашите природни ресурси за идните генерации крајно ќе зависи од позитивните дејства на ниво на заедниците, од страна на земјоделците, жителите во руралните области и други локални групи кои имаат интерес во зачувување на своите извори на работа и приход“, рече Џозеф Лесард, Директор на Канцеларијата за економски раст на УСАИД во Македонија. „Пристапот што го има МРР за развој од основните нивоа, кој во предвид ги зема потребите и приоритетите на луѓето на локално ниво, е за пофалба“.
Проектот ќе се фокусира на Медитеранската зона во која припаѓаат Вардарскиот регион со делови од Струмичкиот и Гевгелискиот регион, бидејќи тие се македонски региони што се најмногу засегнати од климатските промени. Проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени ќе работи со семејните фарми кои што на пазарот ги пласираат најголемиот дел од своите производи, како и земјоделците што делумно заработуваат, а делумно ги задржуваат за себе своите производи. Проектот ќе врши тестирања и мониторинг на техники со цел да се изнајдат оние што најдобро функционираат под дадени услови, па така наученото да може да се примени во повеќе заедници ширум целните региони, со што ќе се помогне во минимизирање на некои од очекуваните неповолни влијание од глобалното затоплување врз земјоделските култури.