На 31 март, во Струмица, со заедничка соработка на проектот „Институционална подршка на Федерацијата на фармерите на РМ“ We Effect – ФФРМ, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени и Амбасадата на Кралството Шведска, беше организирана првата Национална конференција на тема „Македонското земјоделство и климатските промени“. Настанот имаше цел да ги претстави негативните ефекти на климатските промени врз земјоделското производство пред сите чинители и да презентира мерки и техники кои ќе им помогнат на земјоделците да ги намалат штетните последици во градинарството, овоштарството, лозарството и сточарството.
„Република Македонија е сеуште на почетокот на остварување на стратешките цели за адресирање на климатските промени, а оние кои најмногу зависат од овие одлуки и решенија се земјодлеските производители и руралните семејства како директни корисници на земјиштето и природните ресурси. Тие се најранливата група во овој контекст. Предизвикот во справувањето со климатските промени е процес кој е долг и бара голема поддршка од јавната свест и заедничко ангажирање и соработка на сите.“ – истакна во своето обраќање Петар Ѓоргиевски, Претседател на Мрежата за рурален развој на РМ, спроведувач на проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени.
„Kлиматски промени ќе имаат најголемо негативно влијание врз земјоделството. За таа цел вакви средби се добродојдени за нас земјоделците, пред се поради тоа што може да се научи и да се видат нови технологии за адаптација на земјоделството врз новите временски услови за да се заштити производството. “, – истакна Никола Стаменов, Претседател на ФФРМ.
Професори од Земјоделскиот институт и Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, ги споделија резултатите и достигнувањата од имплементацијата на различни адаптивни мерки во земјоделското производство, а пред присутните се обратија и неколку земјоделци кои ги споделија своите искуства и позитивни примери.
Климатските промени се реалност насекаде во светот, а според анализите на експертите, Македонија може да очекува екстремни варијации во температурата, кои ќе имаат штетни последици врз земјоделскиот сектор. Бидејќи речиси половина од руралното население во Македонија е економски зависно од земјоделството, итна е потребата од спроведување брза акција и практични адаптивни методи.
Заклучоци од Првата национална конференција „ Македонското земјодлество и климатските промени“
1. Заради негативните влијанија на климатските промени како што се: зголемување на температурата на воздухот, интензитетот на сончевата радијација, појава на топлотни бранови, интензивни врнежи, град како и дефицит на врнежи во вегетацискиот период проследен со долготрајна суша, земјоделските производители во Република Македонија се соочуват со голем предизвик за негово справување .
2. Предизвикот во справувањето со климатските промени е процес во кој земјоделските производители треба да ги вложат своите капацитети во адаптирање на производството кон оваа појава но истовремено ова бара голема поддршка од јавната свест и заедничко ангажирање, соработка и координација на сите релевантни институции.
3. Постојаната и континуирана еволуција во поглед на избор на култури, нови технологии и практики на управување со земјоделското производство согласно климатските промени доведува до потреба од вклучување на научно-истаржувачка експертиза со што ќе се гарантира реализација на одржливоземјодлеското производство.
4. Новите технологии и знаења како и зголемувањето на свеста кај земјоделските производители во однос на адаптивните мерки кон климатските промени треба да се пренесат со активна вклученост на земјоделските советодавни служби како дел од нивните редовни практики во давањето на советодавни услуги за успешно планрање и реализација на земјодлеското производство.
5. Во иднина политиката за земјоделство и рурален развој на РМ треба да води кон политика што ќе ја земе во предвид потребата за адаптирање на земјоделското производство и ќе ги промовира земјоделските практики кои што се компатибилни со новите климатски услови и истовремено придонесуваат кон зачувување на природните ресурси.
6. Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство треба да направи проценка на потребите на земјоделските производители за дополнителна поддршка за адатаптација на земјоделското кон климатските промени во рамките на мерките за поддршка преку програмите за земјоделство и руралниот развој.
7. Потребна е координација помеѓи институциите и организациите од регионот заради навремено информирање, размена на искуства и креирање или слични мерки кои водат успешни практики во надминување на негативните ефекти од климатските промени. Посебно важна е соработката и во создавање на заеднички региопнален превентивен систем за климатските промени.