Повеќе од 100 земјоделци и советници на АПРЗ (Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството), на 10 ноември 2016 год., се собраа во Бизнис салата на Скопскиот саем, за да дознаат какво влијание имаат климатските промени во сточарството и да научат како да го зачуваат производството. Проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени, спроведуван од Мрежата за рурален развој на Република Македонија, тестираше мерки за прилагодување кон климатските промени во свињарството, живинарството и кај млечните крави. Резултатите добиени од примената на адаптивните мерки беа споделени со присутните на настанот преку презентациите на професорите од Факултетот за земјоделски науки и храна, кои интензивно работеа со сточарите – корисници на проектот, во имплементацијата на овие корисни и лесно достапни адаптивни мерки и практики.
Проф. д-р Методија Трајчев, ги објасни негативните последици од топлотните бранови врз млечноста на кравите и ги презентираше позитивните резултати добиени од петте демонстративни фарми во кои беа инсталирани системи за разладување. Проф. д-р Среќко Ѓорѓиевски ги опиша негативните влијанија на климатските промени врз исхраната за животните, што пак како последица предизвикува намалена млечност кај кравите. Експертот ги промовираше тестираните мерки кои дадоа одлични резултати во намалување на ваквите штетни последици. Дел од мерките вклучуваат: зголемена енергија на кг сува материја, намалено сурово влакно, делумна замена на пченка со сирак и вклучување на пуфери. За влијанието на високите температури во свињарството зборуваше проф. д-р Владо Вуковиќ. Меѓу другото, тој ги нагласи некои од резултатите по инсталирањето на панели за разладување во целните фарми, како: минимизирање на падот на концепцијата кај свињите во просек од 10,8 месечно, покачување на бројот на живородени прасиња за 0,1-0,3 прасиња по легло, намалување на нивото на смртност во текот на лактацијата за околу 5-8%, минимизирање на ММА (Mastitis, Metritis, Agalactia) синдромот, итн. На крајот, вниманието на присутните го задржа презентацијата на проф. д-р Драгослав Коцевски, во која даде насоки и препораки како да се намалат негативните ефекти од високите летни температури како што се: намален број на произведени јајца и намален квалитет на произведените јајца (послаба лушпа и понизок интерен квалитет на јајцата).
Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, ја искористи оваа прилика да го дистрибуира, до заинтересираните страни во сточарството, видео материјалот кој дава препораки за намалување на штетните последици од климатските промени врз млечноста на кравите, во свињарството и живинарството.
Ова видео предходно беше споделено на интернет страницата на МРР на РМ (www.ruralnet.mk) како и на Youtube каналот на МРР: https://www.youtube.com/watch?v=6scQK6DVUr0&feature=share