По презентацијата на појдовните мерења во сточарството, одржана во Битола, која помина со бројна посетеност од сточари и советници на АПРЗ од западниот дел на Македонија, Мрежата за рурален развој на РМ, на 10 декември, организираше уште една ваква презентација, овој пат во Струмица. Проф. д-р Методија Трајчев од Факултетот за земјоделски науки и храна, ги презентираше појдовните резултати од мерењата за влијанието на топлотниот удар врз млечноста на кравите, добиени во периодот на летните месеци јуни-септември 2015 год. Ваквите активности се спроведувани преку проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, со цел да се подигне свеста на македонскиот земјоделски сектор за штетните влијанија од климатските промени и да се сподели практики кои ќе им помогнат на сточарите да се справат со проблемите предизвикани од климатските промени.