На 30.11.2012, во хотел „Континентал“, Скопје, со почеток во 11:00 часот, Мрежата за рурален развој организираше работилница со цел споделување на искуствата од досегашните активности и добиените првични резултати од проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени.
Експертите ги презентираа досегашните искуства и резултати од спроведените адаптивни мерки во овоштарството, градинарството и лозарството, мерките за заштита на почвата од ерозија, како и мерките за заштеда на вода и подобрување на приносот кај земјоделските култури. Дополнително, беа најавени и планираните активности за спроведување на адаптивни мерки во сточарството.
На настанот присуствуваа голем број претставници од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Досегашните и идни активности на проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени, се пионерски чекори во областа на адаптивни мерки, за справување со ефектите од климатските промени во земјоделството и значително ќе придонесат во подобрувањето на одржливите практики на земјоделските системи во Република Македонија.