Во рамките на УСАИД проектот за адаптација на земјоделството кон климатските промени се започна со подготовка на „Студија за адаптација на сточарството кон климатските промени во Македонија“ . Главната цел на студијата е да ги оцени активностите кои треба да се преземат од страна на произведувачите и останатите актери во ланецот на вредности во сточарското производство, во насока на адаптација кон климатските промени во земјата. Мрежата за рурален развој на РМ во соработка со Мисијата на УСАИД во Македонија организираше посета од страна на д-р Мо Салман, професор по ветеринарна епидемиологија на државниот универзитет во Колорадо и г-ѓа Џојс Турк, советник за сточарство во седиштето на УСАИД во Вашингтон. Членовите на тимот ја реализираа посетата во периодот од 25 – 29 март 2013 год. Главната цел на посетата беше да се запознаат подобро со моменталната состојба на сточарското производство во Македонија и перспективите во контекст на предизвиците од климатските промени до 2025 година и особено да соберат релевантни информации за системите на сточарското производство, изведбата и практиките, како и метеоролошките промени во последните 15 години.
Во текот на посетата, беа анализирани неколку компоненти од постоечкиот сточарски сектор во земјата, кои главно се фокусирани во обезбедување на пазарот со производи од животинско потекло (месо, јајца, млеко и сирење). Сепак, посетата беше доволна за да се изведе општ впечаток за сточарскиот сектор во земјата. Членовите на тимот имаа можност да дискутираат за релевантни прашања и теми со производителите, стручната и научна јавност, претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и советници од АПРЗ. При тоа, беа истражени податоци поврзани со големината на популацијата на домашни животни, нивото на производство, како и географската дистрибуција. Достапните податоци за популацијата на домашните животни и метеоролошките податоци беа анализирани со цел да се утврди поврзаноста на постоечките информации со климатските фактори, заради евентуално идентификување на потенцијални препораки за оценување и адаптација на сточарскиот систем кон климатските промени во земјата. Чинителите во системот на сточарското производство треба да бидат дел од решавањето на ова важно прашање и идентификувањето на решенија. Оттука, ангажирањето на сите заинтересирани страни во решавањето на прашањето е императивен чекор во овој процес.
За таа цел на 28.05.2013 год, во х. Континентал, во Скопје, Мрежата за рурален развој организираше еднодневна работилница, која вклучи партиципативни анализи од страна на засегнатите страни во однос на моменталната ситуација и идна насока.