На 5 ноември, беше одржана презентација на две студии за климатски промени објавени од страна на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени – едната е фокусирана на ефектите од климатските промени врз земјоделскиот сектор во Македонија, а другата е со фокус на нивното негативно влијание врз сточарството. Студијата за сточарство е прва од овој тип во Македонија.
Наодите беа споделени со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), со приближно 50 фармери, трговци, добавувачи и претставници на земјоделски здруженија, академски, владини институции и невладини организации и ќе бидат достапни до сите пошироко засегнати страни во земјоделскиот сектор. Студиите обезбедуваат основни информации кои ќе бидат користени во идните иницијативи за адаптација во земјоделството и анималното производство и ќе послужат како релевантен документ особено за МЗШВ, во креирањето на политики поврзани со климатските промени и активности за прилагодување на земјоделството.
„Климатските промени се еден од приоритетите на владата на САД ширум светот,“ рече директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн. „Овде во Македонија, ние им помагаме на индивидуалните земјоделци да ги ублажат ефектите од климатските промени.“ На крајот, тој ги охрабри фармерите да ги следат многуте корисни препораки наведени во извештаите.
Кон присутните се обратија и Заменик министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски, директорот на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, Петар Ѓоргиевски, додека проф. Д-р Ордан Чукалиев и проф. Д-р Сретен Андонов направија кратка презентација на наодите од двете студии.
Тригодишниот проект на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, започна да се спроведува во април 2012, од страна на Мрежата за рурален развој на РМ. Целта на проектот е да им помогне на земјоделците да се адаптираат на климатските промени и да го зачуваат нивото на приход преку намалување на штетите предизвикани од промените во животната средина. Проектните активности се фокусирани во медитеранската зона, вклучувајќи го Вардарскиот регион со делови од струмичко и гевгелиско – земјоделско богари области коишто се под најголемо влијание од климатските промени.