Заради појавата на болеста „Јазлеста кожа“ кај говедата, Мрежата за рурален развој на РМ, во рамки на проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени, започна со организирање на работилници за едуцирање на сите засегнати страни во врска со оваа болест која е директен резултат на климатските промени. Земајќи во предвид дека најголемиот број на заболени животни се регистрирани во источна и југоисточна Македонија, МРР на РМ, на 3 јуни, ја организираше првата работилница од овој тип во Струмица, на која присуствуваа повеќе од 60 сточари и советници на АПРЗ (Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството) од регионот на Струмица, Ново Село, Василево, Босилово, Конче, Радовиш и Берово. Професорот Методија Трајчев, од Факултетот за земјоделски науки и храна, ги објасни карактеристиките на болеста „Јазлеста кожа“, начините на кои животните би можеле да заболат, како и мерките коишто треба да се преземат за да се заштитат животните во фармите. Бројни прашања беа упатени до присутниот инспектор, Ристо Ичков, од Агенцијата за храна и ветеринарство, кој од аспект на државните институции информираше какви превентивни мерки се преземаат и каде можат да се обратат сточарите за вакцинација на животните.