Заменик директорот на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, Весела Ламбевска Домазетова, заедно со претставник на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Лидија Чадиковска, учествуваа во програмата за меѓународни лидерски посети, наречена “Прилагодливост кон климатските промени”, спонзорирана од страна на Стејт Департментот на САД, а администрирана од страна на невладината организација Светско Учење.

Во рамки на програмата која беше организирана во периодот од  1 до 11 декември, 2013 год. беа реализирани повеќе средби со индивидуалци и претставници од организации од САД, со цел да им овозможат на претставниците од невладиниот сектор, националните и локалните власти во Македонија, да се запознаат со нови технологии и пристапи кон климатските промени во областа на земјоделството, шумарството и водостопанството, како и енергетската ефикасност.

Стејт Департментот, како специфични цели на проектот ги истакна: истражување на соработката помеѓу федералните, државни и локални нивоа на власта и нивната улога во климатските промени; испитување на јавни-приватни партнерства адресирани на климатските промени; анализа на нови технологии и стратегии во рамки на климатските промени и животната средина.