Мрежа за рурален развој во Република Македонија

Проект на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени

 

Округла маса: “Влијанието на климатските промени врз пчеларството”

6-ти декември, 2016

Мрежата за за рурален развој во Република Македонија во рамките на Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, на барање на Сојузот на пчеларски здруженија на Република Македонија на 6-ти декември во Скопје, организираше Округла маса на тема: “Влијанието на климатските промени врз пчеларството”.

На округлата маса присуствуваа околу 50-тина претставници на здруженијата на одгледувачи на пчели, членки на Сојузот на пчеларски здруженија на Република Македонија.

Целта на настанот беше дискусија за состојбите во секторот пчеларство во Република Македонија, како резултат на климатските промени.

На почетокот на округлата маса, Г-ѓа Ана Дамовска, Раководител на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени ги информираше присутните за проектните цели и досегашните проектни активности, како и активностите на Мрежата за за рурален развој во Република Македонија.

Г-дин Менде Трајковски, Претседател на Сојузот на пчеларски здруженија на Република Македонија се обрати на присутните претставувајќи ја потребата за организирање на работилницата, како и нејзините цели.

Концепциски настанот се состоеше од два дела:

– Презентации за влијанието на климатските промени врз земјоделството со посебен осврт на пчеларството, влијанието на климатските промени врз достапноста на храна за пчелите и појавата на пчелните болести и

– Дискусија со презентирање на искуства на пчеларите и заклучоци и препораки.

Д-р Ирена Џимревска истакна дека климатските промени директно врз пчелите влијаат врз биологијата и физиологијата на пчелите, како што се нивното однесување, репродукција, животен циклус. Индиректните влијанија на климатските промени се: нарушување на природната околина каде што се сместени пчеларниците, достапност на паша и вода, појава на пчелни болести, употреба на средства за заштита на растенијата, како и инвазија и конкуренција меѓу нови екотипови, раси и туѓи под-видови.

Проф.д-р Хрисула Кипријановска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, истакна дека промените на карактеристиките на медоносните растенија како резултат на климатските промени се манифестираат со: поместување на фенофазата на цветање, скратување на фенофазата на цветање (експлозивно цветање), промена на конзистенцијата на нектарот (згуснување) со што се отежнува неговата достапност за пчелите, појава на долги безпашни периоди, промени во производството на цветови, како и големината на цветовите и времето на нивно отварање. Со тоа, пчелите се соочуваат со недостиг на нектар и полен кои се неопходни за развој и функционирање на пчелните семејства.

Проф. д-р Мишо Христовски од Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, во својата презентација се фокусираше на влијанието на климатските промени врз појавата на болести и штетници кај пчелите. Освен синдромот на празна кошница (Colony Collapse Disorder) кој помеѓу останатите фактори е резултат и на климатските промени, климатските промени имаат влијание на сè почестата појава на американската чума на пчелно легло, вароозата која станува се поагресивна и поотпорна, појавата на ноземозите и вирусните болести. Исто така, климатските промени влијаат и врз појавата на нови паразити и паразитарни болести како што се: Apocephalus borealis, Aethinia tumida, Tropilaelaps clareae.