Во рамки на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, Мрежата за рурален развој на Република Македонија предвиде реализација на активности поврзани со промоција на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот во општини од југоисточниот плански регион во кои  влијанието од климатските промени се одразува негативно врз севкупното живеење на руралните домаќинства. Со афирмација на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот во руралните средини, МРР тежнее кон развој на капацитетите на сите засегнати страни во руралните средини со што ќе се подобри нивното знаење и способности за партиципативно планирање во процесите на носење на одлуки од важност за заедницата. Во рамки на овие активности МРР ќе поддржи создавање на  ентитет, Локална Акциска Група во форма на јавно приватно партнерство вклучувајќи партнери од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, покривајќи ги интересите на различни засегнати страни од 4 општини во овој регион (Струмица, Василево, Босилово и Ново Село). Групата ќе има за цел, да ги претставува интересите на различни засегнати страни коишто постојат и работат на руралната територија во општините. Целта на групата ќе биде да развие стратегиски документ за локален развој кој ќе ги поддржи и обедини локалните иницијативи и акции.

За реализација на ваквите активности што значително ќе придонесат во подобрувањето на одржливи практики во руралните средини во Македонија, на 13 декември 2013 год. во Струмица, Мрежата за рурален развој на Република Македонија потпиша меморандум за соработка со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Истиот ден беше одржана работилница, на која беа поканети сите десет општини од овој регион, со цел да се запознаат со ЛЕАДЕР пристапот како метод за поттикнување и спроведување на локален развој во руралните средини , неговото значење како идна ИПАРД мерка, како и да се презентираат планираните активности.