На 23 декември, во Гостивар, Мрежата за рурален развој на Република Македонија одржа работилница со цел промоција на Студијата за адаптација на анималното производство во Република Македонија спрема климатските промени. Во Македонија голем број на фармери зависат целосно или делумно од сточарството, коешто може да биде особено ранливо на климатските промени, посебно на зголемените температури. Ова претставува нов предизвик за сточарите и за експертите, бидејќи постои многу малку искуство и познавање за тоа како да се справат со влијанијата поврзани со климатските промени. Затоа проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, ангажираше тим од експерти од Факултетот за земјоделски науки и храна, Земјоделскиот институт и Агенцијата за храна и ветеринарство, кои создавајќи ја оваа прва од ваков тип студија во Македонија, дадоа еден систематизиран пристап за идните адаптивни иницијативи во сточарскиот сектор.

Проф. Д-р Сретен Андонов, како координатор на експертскиот тим што ја изработи студијата, одржа презентација на наодите пред околу дваесетина фармери, сточари и претставници на АПРЗ од гостиварскиот регион. Тој даде објаснувања за негативните влијанија од климатски промени и укажа на потребата од навремена подготовка на анималното производство за таквите очекувани влијанија. Професорот презентираше некои од адаптивните мерки опишани во студијата и даде директни препораки и совети за присутните фармери.