Денес, 7 ноември, во рамките на Меѓународниот саем за широка потрошувачка „Агрофуд“, во Скопје, со почеток во 11:00 часот, Мрежата за рурален развој на Република Македонија во соработка со Скопски саем организираше работилница со цел да ги презентира резултатите добиени од досегашните активности спроведени преку проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени. Професори од Факултетот за земјоделски науки и храна и Земјоделскиот институт, ги споделија резултатите и достигнувањата од имплементацијата на адаптивни мерки во овоштарството, градинарството и лозарството, како и наодите од двете објавени студии за адаптација на земјоделството и  на анималното производство спрема климатските промени.  Воедно целта на настанот беше да ја зголеми свеста на земјоделските производители, но и на целокупната јавност за предизвиците и ефектите од климатските промени во земјоделскиот сектор во Република Македонија.

„Досегашните и идни активности на овој проект, се пионерски чекори во областа на адаптивни мерки,за справување со ефектите од климатските промени во земјоделството  и сметаме дека значително ќе придонесат во подобрувањето на одржливите практики на земјоделските системи во Република Македонија.“ изјави Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на РМ и директор на проектот.

На презентацијата присуствуваа над 100 земјоделци, претставници на АПРЗ (Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството), земјоделски здруженија, невладини организации, научни и образовни институции.