Повеќе од 30 претставници на различни организации од Преспанскиот регион присуствуваа на работилницата чија цел беше јакнење на јавната свест за ефектите и предизвиците од климатските промени во земјоделството, организирана од страна на Мрежата за рурален развој на РМ во рамки на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени. Настанот се одржа на 31 август, во ресторан „Вито“ во Ресен, со почеток од 11:00 часот.

„Со очекуваните климатски промени, истражувањата предвидуваат намалување на приносот на јаболка во Ресенскиот регион за 46% во 2025 год. до 50% во 2050 год. и дури 59% во 2100 год.“ кажа  доц. д-р Виктор Ѓамовски, кој со својата презентација ги запозна присутните со ефектите од климатските промени и адаптивните мерки во земјоделското производство.

Проф. д-р Марјан Кипријановски, во своето презентирање стави акцент на влијанието на климатските промени во овоштарството, како земјоделска гранка која е особено развиена во Преспанскиот регион. Посебен интерес кај учесниците предизвика претставувањето на д-р Васка Цветановска Панова од Црвениот крст на Република Македонија која укажа на последиците од климатските промени врз здравјето на луѓето и даде препораки за адаптација и превенција од топлотен бран.

Присутните земаа активно учество во работилницата барајќи подетални информации за адаптивните мерки и давајќи предлози и идеи за нови иницијативи кои произлегуваат од нивните потреби и проблеми со кои се соочуваат во земјоделскиот сектор. Генералниот впечаток беше дека работилницата понуди многу корисни информации и нови сознанија кои можат да најдат практична примена во земјоделството со цел за негова адаптација кон климатските промени.

Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени е фокусиран на Медитеранската зона во која припаѓаат Вардарскиот регион со делови од Струмичко и Гевгелиско,  како региони  кои што се најмногу засегнати од климатските промени. Проектот започна да работи со семејните фарми кои што на пазарот ги пласираат најголемиот дел од своите производи, како и земјоделците што делумно ги продаваат, а делумно ги задржуваат за себе своите производи. Во рамки на првата компонента од проектот започнаа да се вршат тестирања и на адаптивни земјоделски техники со цел да се изнајдат решенија за неповолните влијанија од климатските промени. Научените искуства   ќе можат да се применат од страна на земјоделските производители.  Исто така тестираните технологии од првата компонента  ќе бидат развиени во советодавни пакети кои ќе бидат дистрибуирани до целните групи  преку серии на работилници и други соодветни медиуми.