Денес, 04.09.2012, во хотел „Оаза“ во Штип, со почеток во 11:00 часот, проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени, имплементиран од Мрежата за рурален развој на Република Македонија, организира работилница со цел јакнење на јавната свест за предизвиците и ефектите од климатските промени во земјоделскиот сектор во Македонија. На настанот присуствуваа претставници од повеќе здруженија од Штип и околните градови  чија главна дејност е земјоделството, како и членките на Мрежата за рурален развој.

Проф. д-р Душко Мукаетов ги запозна учесниците со ефектите од климатските промени и адаптивните мерки во земјоделското производство, додека проф. д-р Слободан Банџо во своето презентирање стави акцент на влијанието на климатските промени во градинарството, како земјоделска гранка која е особено развиена во штипскиот регион. Интерес кај учесниците предизвика и претставувањето на д-р Анета Тргачевска од Црвениот крст на Република Македонија која укажа на последиците од климатските промени врз здравјето на луѓето и даде препораки за адаптација и превенција од топлотен бран.

Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени е фокусиран на Медитеранската зона во која припаѓаат Вардарскиот регион со делови од Струмичко и Гевгелиско,  како региони  кои што се најмногу засегнати од климатските промени. Во рамки на првата компонента од проектот започнаа да се вршат тестирања и на адаптивни земјоделски техники со цел да се изнајдат решенија за неповолните влијанија од климатските промени. Научените искуства   ќе можат да се применат од страна на земјоделските производители.  Исто така тестираните технологии од првата компонента  ќе бидат развиени во советодавни пакети кои ќе бидат дистрибуирани до целните групи  преку серии на работилници и други соодветни медиуми.