Во пријатна атмосфера и дружење поминаа двата дена од работилницата која беше наменета за новинари, а ја организираше Мрежата за рурален развој на Република Македонија, на 2 и 3 јули во винаријата Попова кула, Демир Капија.
Новинарите, учесници на работилницата, имаа можност да се запознаат со целите и активностите на Мрежата за рурален развој како имплементатор на проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени.
Присутните со огромен интерес ги следеа презентациите на Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на РМ и Весела Ламбевска Домазетова, претседател на Управен одбор на МРР. Новинарите беа запознаени со прогнозите на експертите за зголемувањето на штетното влијание од климатските промени врз земјоделските култури, во текот на наредните стотина година. Им беа презентирани досегашните и планирани активности во рамки на проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени. Посебно внимание и интерес предизвикаа адаптивните практики во градинарството, овоштарството и лозарството, кои ќе бидат тестирани на почетокот од спроведувањето на проектот и за кои веќе започна поставувањето на демонстративни опити на 8 различни локации во рамки на медитеранската зона која е опфатена со проектот.
„Фармери од Кумановско, Неготино, Богданци и од Струмица со практични мерки на нивите ќе се обучуваат како да ги применат познатите техники за приспособување на земјоделството кон климатските промени, како што се поставување на мрежи за заштита од УВ-зрачење и град, соодветно кроење на насадите, затревување и мерки против ерозија во полињата. Проектот „Адаптација на земјоделството кон климатските промени“ е финансиран од УСАИД, а во наредните три години ќе го спроведува Мрежата за рурален развој. Мерките ќе се спроведуваат во овоштарник со круши во Младо Нагоричане, во пластеник со домати во Пчиња, во овоштарник со праски, кајсии и сливи во Виничане, во лозови насади во Неготино и Богданци и во нива со пиперки во Струмица.“ – напиша за Дневник, Соња Христовска.
Во текот на работилницата се разменија информации од досегашната работа на терен, искуствата на земјоделците и проблемите од климатските промени со кои се соочуваат. Средбата беше почеток на натамошна заедничка соработка со цел јакнење на јавната свест за ефектите од климатските промени и потребата од адаптација во земјоделскиот сектор во Македонија.