На 13 декември 2013 год, во Росоман, со почеток во 15:00 часот, Мрежата за рурален развој организираше работилница со цел да ги сподели искуствата и резултатите од адаптивните земјоделски практики, имплементирани и тестирани во периодот од започнувањето на спроведувањето на проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени, април 2012 год.,  до денес.

Присутните земјоделци од околината на Росоман, имаа можност да се запознаат со различните техники и мерки за адаптација кон климатските промени, кои беа демонстрирани и тестирани во лозарството и овоштарството. Покрај резултатите и достигнувањата од спроведените адаптивни мерки, експертите го презентираа едногодишниот мониторинг на ерозивните процеси, како и придобивките од примената на адаптивни мерки за заштеда на вода во земјоделското производство.

На крајот од работилницата имаше отворена дискусија, каде земјоделците можеа да ги споделат проблемите кои се јавуваат во текот на нивната земјоделска работа и да добијат корисни совети од страна на експертите, како да се справат со ефектите од климатските промени и какви адаптивни мерки да воведат за да ги заштитат културите во овоштарството и лозарството.