На 21 февруари 2014 год. во Битола, Мрежата за рурален развој на Република Македонија организираше работилница наменета за советници од АПРЗ (Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството) и земјоделци, со цел да им ги претстави придобивките и резултатите од земјоделските мерки за адаптација кон климатските промени, кои изминатите две години беа тестирани и демонстрирани во рамки на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени. Воедно, на настанот беа презентирани таканаречените советодавни пакети за адаптација кон климатските промени, коишто беа подготвени од страна на експертскиот тим во проектот. Овие советодавни пакети вклучуваат 9 брошури и 4 видео материјали снимени во текот на целата вегетативна сезона, кои ги опишуваат и објаснуваат различните мерки и техники за адаптација кон климатските промени, аплицирани и тестирани кај културите во овоштарството, градинарството и лозарството.

На работилницата присуствуваа над 60 учесници, советници од АПРЗ и земјоделци од западниот дел на Македонија (Битола, Прилеп, Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и Крушево). Експертитеод Факултетот за земјоделски науки и храна и Земјоделскиот институт, кои работат на проектот, ги презентираа резултатите од досегашните истражувања и ги објаснија придобивките од примената на различни земјоделски мерки,  кои со прилагодување на земјоделското производство кон климатските промени ќе им помогнат на земјоделците да го зачуваат приносот.