Проектните активности на проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени се креирани врз основа на позитивните искуства од интернационалните практики за адаптација на земјоделското производство  кон климатските промени, прилагодени на нашиот терен и климатски околности. Сепак, останува фактот дека сеуште не се доволни практичното искуство и како последица на тоа стекнатата експертиза. Истото може да се заклучи за јавните институции коишто регулираат прашања во областа на климатските промени, меѓу кои е и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со цел градење на капацитети во земјава, во однос на адаптивни практики за климатски промени, проектот инвестираше во интернационално студиско патување наменето за проектниот менаџмент, техничките советници за адаптивни практики и релевантни претставници на МЗШВ. Студиската посета беше организирана во Италија во периодот од 14 јули до 20 јули. Во рамки на патувањето беа организирани средби со креаторите на иницијативи и политики во доменот на климатските промени во земјоделството, специјалисти за климатски промени и регионални власти одговорни за имплементација на регионалните политики за климатски промени во земјоделството, како и посети на фарми кои спроведуваат мерки за справување со климатските промени.

Учесниците имаа можност да го набљудуваат Европското искуство во обезбедување на соодветни одговори за адаптација кон климатските промени во земјоделството како дополнение на креирањето политики и развој на стратешки документи за климатски промени, конкретни акции/ мерки за адаптација кон климатските промени кои ги презема релевантното Министерство итн.