Претставници од Мрежа за рурален развој на СМ кои ја имплементираат Програмата на УСАИД за развој на заедницата, присуствуваа на Форумот за земјоделски политики 2021 кој се одржа на 20 и 21 октомври во Србија на тема зелена агенда за Западен Балкан.

На форумот беше претставена Програмата, нејзиниот концепт, цели и очекувано влијание како успешен пристап кој може да придонесе кон одржлив развој на руралните средини. Дополнително, беше истакнато дека овој модел може да биде реплициран и во останатите земји на Западен Балкан.

 

 

На форумот кој се одржува секоја година присуствуваа повеќе од 150 учесници од земјите на Западен Балкан и од Европската Унија меѓу кои претставници на државни институции, универзитети, приватен сектор, меѓународни организации, граѓански организации, земјоделци и стопански комори. Настанот беше организиран под покровителството на Министерството за земјоделство, шумарство и управување со водите на Република Србија и Секретаријатот – Постојана работна група за регионален рурален развој.

Учесниците ги резимираа клучните резултати и препораки кои беа истакнати во четири работни групи на теми развој на руралниот туризам, производство на вино, ЛЕАДЕР пристапот и АКИС системот (Систем на земјоделско знаење и иновации – Agricultural Knowledge and Innovation Systems).

 

 

Зелената агенда како главна тема на форумот е од суштинско значење за земјите од Западен Балкан. Нејзината имплементација значи зајакнување на позициите на земјоделците во синџирот на снабдување на храна и зголемување на нивните приходи, како и зголемување на конкурентноста, производството на нутритивна и здрава храна, привлечноста на регионот за инвестиции и туризам, економските можности и можностите за вработување.

 

 

 

Оваа активност е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на Мрежа за рурален развој на Северна Македонија и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.