Благодарејќи на вклученоста на локалните чинители, селото Ума во општина Гевгелија ќе добие поубав и почист јавен простор како дел од унапредување на локалниот развој во регионот.

Во рамки на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, тимот на Мрежа за рурален развој на СМ како имплементатор на Програмата и ЛАГ Бојмија како дел од партнерите го посетија селото Ума. За време на посетата, тие разговараа со претставници на локалната самоуправа, месната заедница, граѓанскиот сектор и локалното население за заедничка иницијатива која е финансиски поддржана од самото население, неколку компании од приватниот сектор, Општина Гевгелија и Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ – Гевгелија.

 

 

Иницијативата ќе предвидува уредување на патот до месната заедница, чистење на дивата депонија на влезот на селото и уредување на места за собирање отпад и можност за селекција на пластичен отпад. Вакви иницијативи се пример дека вклученоста на сите локални чинители води кон одржлив развој на заедницата.

Меѓу присутните беше и Дон Кармин – директорка на Канцеларијата за развој на УСАИД во Северна Македонија, која ги поздрави напорите на заедницата за унапредување на руралниот развој. Имено, со проектните активности се решаваат три клучни проблеми во оваа туристичка населба: уредување на пристапниот пат што е посебно значајно за заедницата, одржување на чиста животна средина преку чистење на депониите околу селото и грижа за нивно трајно отстранување и решавање на проблемот со сметот преку негово одлагање и можност за селекција и подоцнежно отстранување на пластичниот отпад.

 

 

Програмата на УСАИД за развој на заедницата се залага за одржлив развој на руралните средини во државата преку зголемена вклученост на локалните чинители во препознавање и приоретизација на вистинските потреби на заедницата. Вакви иницијативи за подобрување на условите за живеење во руралните заедници ќе продолжат и ќе бидат имплементирани и во останатите општини и плански региони опфатени со Програмата.

 

 

Оваа активност е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на Мрежа за рурален развој на Северна Македонија и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.