За време на првата заедничката средба со градоначалникот на Општина Карбинци – Виктор Паунов, градоначалникот на Општина Конче – Златко Ристов, градоначалникот на Општина Радовиш – Ацо Ристов и градоначалникот на Општина Штип – Иван Јорданов, беше претставена Програмата на УСАИД за развој на заедницата, како и идејата позади истата, концептот, очекуваните цели и можностите за соработка со цел унапредување на руралниот развој. Исто така, се дискутираше и за потребите на локалните заедници и како може да се надминат предизвиците со кои тие се соочуваат.

 

 

Покрај претставниците од Мрежата за рурален развој на СМ која ја имплементира оваа Програма, на средбата присуствуваа и претставничка од Канцеларијата на УСАИД Северна Македонија и претставници од ЛАГ Плачковица како партнерска организација во имплементацијата на Програмата.

„Програмата на УСАИД за развој на заедницата располага со одредени средства коишто ќе бидат дел од поддршката за интервенциите. Но, секако ќе се очекува учество и на општините, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор и останатите чинители. Наидовме на голем интерес од страна на бизнис заедницата да учествува со средства и останати ресурси во зависност од дејноста на самата компанија, што е евидентно и низ целата комуникација која ја имавме досега.“ – по завршување на средбата изјави Петар Ѓоргиевски – Претседател на Мрежата за рурален развој на СМ.

 

 

Градоначалникот на Општина Штип – Иван Јорданов, кој беше домаќин на средбата, во името на присутните истакна: „Ние како чинители во оваа Програма ќе иницираме првично прибирање на идеи, потоа, разработка на проекти и нивна реализација. Исто така, ќе мотивираме и други чинители како бизнис заедницата, медиумите и слично да бидат дел од оваа Програма за да ги идентификуваме и да ги реализираме сите потреби на регионот и на крајните корисници, односно граѓаните кои живеат во овие општини.“

 

 

Подрачјето на Локалната акциска група Плачковица ги опфаќа териториите и населените места на четирите општини Карбинци, Конче, Радовиш и Штип. Столе Георгиев – ЛАГ фасилитатор во ЛАГ Плачковица додаде: „Дел од потенцијалните теми кои можеби ќе бидат идентификувани како приоритетни од страна на локалните чинители се развојот на туризмот и алтернативните форми на туризмот, производството на храна, селскиот туризам, унапредување на комуникацијата помеѓу самите општини и диверзификација на економските активности во руралните подрачја, спортските и едукативните активности во руралните средини и слично.“

Средбите со локалните чинители од сите целни општини на Програмата на УСАИД за развој на заедницата продолжуваат во наредниот период.

 

 

Оваа активност е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата, поддржана од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Оваа вест е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината е одговорност на Мрежа за рурален развој на Северна Македонија и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на Соединетите Американски држави.